art exhibition 1

32

Upload: darko-taleski

Post on 28-Mar-2016

222 views

Category:

Documents


2 download

DESCRIPTION

Catalog from my first art exhibition

TRANSCRIPT

Морам да признам дека сум возбудена, како што се возбудувам секогаш кога стојам пред некоја исклучителна убавина. Сите ние, од искуство, знаеме дека природата на убавината е таква што занемува, го остава восприемачот, консументот без зборови. Окото само ненаситно голта, а под градната коска станува топло.

Затоа, нека ми прости оваа убавина што се дрзнувам да проговорам пред неа и да ја доловам со неколку мои реченици. Не претендирам ни оддалеку на некаква стручна, професионална ликовна рецензија, осврт; овде меѓу нас има личности многу, многу покомпетентни да го направат тоа, но она што имам да го кажам, ќе го кажам искрено и од срце.

Дарко Талески го познавам како колега и пријател. Него го опишуваат како голем другар, многу мирен и многу добар, притоа подразбирајќи и дека е фин, услужлив, исполнителен, стабилен, секогаш позитивен, убаво воспитан и културен. Дарко е сето тоа, но и и многу повеќе. Ако се обидеме да го откриеме преку светот што го отвораат неговите слики, тогаш ќе се сретнеме со еден непомирлив, бунтовен, страстен и неспокоен дух.

Како ликовен автор, Дарко Талески е вистински мајстор на играта и незауздлив експериментатор. Тој си игра и експериментира во еден свет на бинарни опозиции: светло – темно, топло – ладно, вертикално – хоризонтално, тврдост – топење, движење – спокој. И никогаш не е само едно, не ја добиваме едната страна на нештата, секогаш има и друго, спротивно на него или различно од него. Тие две вибрираат на треперливиот раб меѓу нивната меѓусебна борба, сукобот од една страна и помирувањето, усогласувањето од друга страна. Таквиот бакнеж на различностите води кон спознавање на едното преку другото, кон себепрепознавање во спротивното, кон соединување во една комплетна целина. На неговите слики речиси може да се допре тој стремеж кон сеопфатната целина во која е возможен апсолутот, андрогинот, комплетноста на битието и исполнетоста.

Можеби може да се каже дека неговите слики не донесуваат толку многу довршени форми, колку што повеќе, преку еден автореференцијален пристап, го претставуваат делото во настанување т. е. самиот процес на создавање на делото, кој воедно на некои други паралелни рамништа говори за процесот на создавање на идентитетот, животот воопшто и универзумот.

Патишта по кои може да се дојде до суштината на нештата и на се што постои има колку што има луѓе. Секој има своја вистина и секоја е подеднакво добра. Овие триесетина слики меѓу кои и три графики ни говорат дека за Дарко Талески таа вистина, тој пат е процесот на ослободувањето. Се отфрла се што е цврсто, конечно, однапред зададено, се што е ограничено и што ограничува. И тоа се прави постепено, онака како што се засилува интензитетот на боите од слика во слика, како што стануваат се поодлучни

потезите во слободата на движењето и како што расте самодовербата на уметникот во потенцијалите на неговиот талент. Така во неговите први слики може да се забележи дека линијата се користи да ја ограничи формата, но од експеримент во експеримент, постепено се осамостојува и добива улога на поврзување, движење, динамика. Од едни, на почетокот, правилни геометриски форми, јасни, остри, машки строго зададени и рационални се оди кон слободни форми, неограничени, недефинирани женски заоблени и интуитивни. Местото на префинетиот Аполон, полека го зазема страстниот и избувлив – разуздан Дионис. Сепак не само едното, не само другото. Од Аполон останува копнежот по едноставноста кој се огледува по начинот на кој густата, напластена и комплексна текстура во последните остварувања се смирува и станува прозрачна.

Кога ќе се отфрлат сите норми, конвенции, правила и ограничувања фантазијата добива слободен простор за безброј асоцијации и доживувања. Не случајно ненаметливиот човек Дарко Талески не наметнува и наслови на делата како ликовен уметник. Не усмерува, не насочува, не ограничува. Како голем другар го повикува на интерактивен чин рецепиентот. Го поканува на разговор и како одличен слушател не му нуди одговори, само добри прашања. Оние мали текстови под сликите се дел од асоцијациите кои овие дела ги разбрануваа кај мене и кај нашата колешка Драгица Здравеска. Заборавете на нив. Одете, застанете пред сликите и слушнете што ќе ви прошепотат. Можеби ќе ви кажат нешто за себе што не сте го знаеле досега.

И не се изненадувајте ако при секое ново приоѓање ви кажуваат нешто ново и поразлично од претходното. Тоа само Дарко Талески си поигрува со вашите крути поимања и ви дава да ја почувствувате неограничената слобода на движењата во овој свет.

Се тече, се се менува, само големите дела остануваат. Верувајте, оваа вечер крштеваме и благословуваме едно такво дело што ќе остане.

Извадокодотварањетона прватасамостојнаизложба наДаркоТалескипретставено одписател ГабриелаСтојаноска-Станоеска