bb_grckapoezija

17
ДОБРОСОСЕДСКИ БУКБОКС ЗЕМЈАТА КАДЕ ’НЕЕ ’ДА’ – грчка поезија на 20. век – Илина Ј. Ако некој магично ве спушти на Олимпијаки акти сред сезона ќе ви треба време да сфатите дека всушност се наоѓате во Грција. Натписите се на романски, српски и полски, на секои пет минути сонцето ви го затскриваат црнци што плетат алки или Aзијати кои нудат привремени тетоважи и масажи, соседите на лежалките до вас се од Прилеп, а продавачот на крофни, облечен како фараон (?!), добро упатен во летната демографија, иако се рекламира на сите можни јазици („ајмо брачо и сестре“, „ела ела Изабела“), е всушност од - Ѓорче.

Upload: bookbox

Post on 06-Mar-2015

5.317 views

Category:

Documents


1 download

TRANSCRIPT

Page 1: BB_Grckapoezija

ДОБРОСОСЕДСКИ БУКБОКС

ЗЕМЈАТА КАДЕ ’НЕ’ Е ’ДА’ – грчка поезија на 20. век –

Илина Ј.

Ако некој магично ве спушти на Олимпијаки акти сред сезона ќе ви треба време да сфатите дека всушност се наоѓате во Грција. Натписите се на романски, српски и полски, на секои пет минути сонцето ви го затскриваат црнци што плетат алки или Aзијати кои нудат привремени тетоважи и масажи, соседите на лежалките до вас се од Прилеп, а продавачот на крофни, облечен како фараон (?!), добро упатен во летната демографија, иако се рекламира на сите можни јазици („ајмо брачо и сестре“, „ела ела Изабела“), е всушност од - Ѓорче.

Можеби ми е до годините, ама туризмот на средната класа никогаш не ми делувал поочајно. Во целата таа приказна социолошки e особено интересна македонската туристичка „филозофија“, која го разбира одморот како поле за м’кнење сува храна од дома, упорно ценкање за одлично опремен апартман и покрај тоа што тој е поефтин отколку празна соба во Охрид, полнење бензин на последната пумпа во татковината, и молење бога економските срања во кои

Page 2: BB_Grckapoezija

западнал соседот да не ни го блокираат патот. Како парчето земја на која се наоѓаат морето, лежалките и зајдисонцето да е некој паралелен свет, ничија и сечија територија, која ете случајно се наоѓа во географските и административните граници на Грција, факт кој игра улога само во „не дај боже“ околности – контакти со локалните медицински установи, националистите или полицијата. Ваквиот впечаток за виртуелната издвоеност на морскиот брег од остатокот на светот кој се нарекува Грција, генериран од присуството на разни вери и нации сплотени во копнежот по УВ зрачење и морска сол, одлично му се наоѓа на просечниот Македонец, на кого така му е психолошки полесно да го поднесе фактот што си ги остава парите кај сосед кој не му ги признава идентитетот и името. Дојдов–пливав-заминав, и тоа нема ама баш никаква врска со Грција – само со нивното гиро, узото, и со морето.

Изборот на начинот и местото за одмарање (за оние кои воопшто можат да си дозволат да се одмараат) е секако личен, иако е често на половина пат меѓу можностите и желбите. Да може Бали некако да ни се приближи веројатно не би оделе во Неа Пори. Но географската судбина не е она што ме интригира. За некој кој живеел неколку години во Грција, ја прошетал вдолж и во широчина, и делумно го зборува јазикот, ми паѓа криво кога интересот на Македонците кон неа, ако воопшто го има, завршува кај пластичната лежалка. Не зборувам за грчката историја и политиката, теми околу кои и нешто се разбираме, затоа што историски и актуелно не’ тангираат. Зборувам за грчката уметност, особено за книжевноста, за која речиси ништо не знаеме после антиката. Дури и професионално упатените кон литературата и издаваштвото тешко би можеле да наведат повеќе од три имиња од модерната/современата грчка проза и поезија, при што прв сигурно би бил Казанѕакис, не толку заради книгата, колку заради филмот „Гркот Зорба“. За останатите, списокот

Page 3: BB_Grckapoezija

на грчки „културњаци“ меѓу Хомер и Демис Русос (или за помладите – Сакис Рувас) е празен.

Една од вон– или не– политичките причини што за грчката културна сцена знаеме многу помалку отколку за која и да е друга на Балканот секако лежи во јазикот. Но преводи на грчки автори во Македонија има (како што впрочем има и преводи на македонски автори во Грција), и иако не се бројни, тие сепак даваат некаков увид во тоа како грчките писатели ја опишуваат, доживуваат и преживуваат грчката реалност, која често знаела да биде неправедна токму кон нејзините најдобри творци. Требало да минат 20 години за поезијата на Кавафис да стане ценета во Грција, не само затоа што тој живеел во Александрија, туку пред се’ затоа што се занимавал со неконвенционални теми за тогашната грчка поезија, како на пример со хомосексуалноста. Спомнатиот Рицос, „грчкиот Мајаковски“, девет пати номиниран за Нобеловата награда, цел живот страдал заради сопствената комунистичката ориентација – во времето на диктатурата на Метаксас неговата најпозната песна Епитаф била јавно запалена на плоштадот во Солун, а подоцна минал години во кампови за политички затвореници низ Грција. Јоргос Сеферис, првиот добитник на Нобеловата за литература од Грција, во 1969. на Би-би-си јавно се спротивставил на воената хунта во земјата со зборовите „Мора да и’ се стави крај на оваа перверзија“. На неговиот погреб во 1971 река народ го следела ковчегот, пеејќи ја неговата тогаш забранета “Арниси“ (Одрекување) (со музика тука). Одисеас Елитис, вториот грчки лауреат на Нобеловата за литература, во текот на таа иста хунта, од 1967-1974 се сели во Париз, несогласувајќи се со тогашната политика. И Манолис Анагностакис, веројатно најмалку познат од овој список, роден 1925., лежел по државните затвори заради неговата марксистичка ориентација. Најзаслужен пак за пошироко промовирање на поезијата на сите овие автори низ медиумот на музиката е Микис

Page 4: BB_Grckapoezija

Теодоракис, најголемиот грчки композитор, кој своевремено исто така беше забрануван и прогонуван. Во текот на неговиот егзил во Париз, каде тајно заминал 1971. од приватниот аеродром на Оназис близу Атина, постојано работел на ставањето крај на диктатурата во неговата земја. Париз бил прибежиште и на голем број други грчки уметници – од глумицата и пејачка (подоцна и политичарка) Мелина Меркури, режисерот Костас Гаврас и поетот Димитрис Христодулу. И покрај огромниот корпус дела од областа на класичната и филмската музика, Теодоракис е сепак најпознат токму по музичкото „толкување“ на стиховите на грчките поети, кои испеани од Григорис Битикотцис или Маргарита Зорбала звучат едноставно чудесно. Истовремено, Теодоракис е еден од заслужните за ренесансата на ребетика, урбана, андерграунд музика од почетокот на 20. век, нешто како блузот или фадото, која се изведувала по таверни и узерија, а чии текстови зборувале за сиромаштијата, алкохолот, дрогата, проституцијата, насилството и егзилот.

На следниве страници избор песни од некои од спомнатите автори, плус бонус трака: традиционална грчка песна во изведба на Јоргос Даларас. Препевите, освен еден, се мои, иако покрај оригиналот консултирав и српски и англиски преводи. Одличен избор е и Антологијата на современата грчка поезија од 1981, како и првиот том од едицијата Современа балканска поезија посветен на Грција (Сеферис–Рицос–Вретакос–Елитис) од 1997, обете издадени од Струшките вечери на поезијата. Поезијата на Анагностакис и на Христодулу колку што ми е познато до сега не е преведувана на македонски.

За крај една вистинита приказна од летово. Мој пријател, армоникаш, со пријатели отишол на одмор на Халкидики. По неколку дена почнале да го зафркаваат дека требало да ја понесе армониката, да заработи некое евро по таверните. „Абе

Page 5: BB_Grckapoezija

сигурно има во куќава армоника, ќе искрсне кај и да е“, рекол тој самоуверено. Наскоро од соседниот стан се чуле познати звуци на – армоника!! Изненадено погледнале низ прозорецот, ети ти ја средовечната газдарица, ставила наочари и тегне тоа инструментот. Се фатиле на муабет, се запознале подобро, и на крај таа не сакала да им наплати за еднонеделниот престој, на име на подучувањето. Уште и го благословувала дека Господ го пратил – дотогашниот нејзин професор само што занимал гурбет Германија. Подобар пример на добрососедска соработка низ суптилниот спој на туризмот и уметноста нема.

Значи, можете слободно да ги мразите грчките политичари, а да ја сакате грчката уметност. Следниот пат кога некој од првиве ќе не’ нарече варвари можеме да им го цитираме Кавафис. Без нас на нивните лежалки, како што вели древната грчка поговорка, маф им е работата.

Page 6: BB_Grckapoezija

Константин Кавафис (1863-1933)ЧЕКАЈЌИ ГИ ВАРВАРИТЕ

Што чекаме, собрани на агората?

Варварите треба да пристигнат денес.

Зошто во Собранието владее таков неред?Зошто пратениците заседаваат, а не носат закони?

Затоа што варварите треба да пристигнат денес.Какви закони би требало да донесат пратениците?Варварите ќе донесат свои штом ќе дојдат.

Зошто нашиот владетел толку подранил,и седи кај најголемата порта од градот,на престолот, сиот свечен, со круната на глава?

Затоа што варварите треба да пристигнат денеси императорот чека да го прими нивниот поглавар. Дури за него подготви и повелба на пергамент, со силни титули и почести.

Зошто нашите два конзула и преторитесе појавија во црвените, извезените тоги,зошто носат нараквици со толку аметист,и прстени со блескави, прекрасни смарагди,зошто денес носат скапоцени бастуни,прекрасно изрезбарени, во сребро и злато?

Затоа што варварите треба да пристигнат денес,а такви работи нив ги заслепуваат.

Зошто заслужните оратори не доаѓаат како секогашда ги држат нивните говори, да го кажат своето?

Page 7: BB_Grckapoezija

Затоа што варварите треба да пристигнат денес,а ним говорите и свечените беседи им се здодевни.

Зошто одеднаш се јави овој немир и збрка (колку им станаа лицата сериозни).Зошто улиците и плоштадите брзо се празнат,и сите се враќаат по домовите, задумани?

Затоа што се стемни, но тие не дојдоа.Некои луѓе пристигнаа од границата,и рекоа дека варвари веќе не постојат.

И што ќе правиме сега без нив?

Тие луѓе сепак беа некакво решение.

Page 8: BB_Grckapoezija

Јанис Рицос (1909–1990)

ЗАЕДНИЧКА СОПСТВЕНОСТ

Едно дете леб јаде врз карпата, гледајќи зад планините.Јадицата на својата сенка врз црвен покрив ја фрла една птицаРибарот својата јадица во морето ја втопи.Ловецот накај шумата пушката ја впери.       Сите го чекаат пленот - секој својот  за да ги заменат своите плодови, утре-задутре, прекрасни во светлината, вредни и доблесни, и среќни поради скромноста на нивната добродетел.        Под самотното дрво на брегот, бремената испотена стомна водата ја лади; и нејзината широка уста, што е затната со една шишарка, мириса осветена од усните на поетите, на дрварите и на рибарите кои ја бакнале.

(препев Анте Поповски)

Page 9: BB_Grckapoezija

Димитрис Христодулу (1924-1991)ЈАД

Морскиот брег е долг, брановите високиголем е јадот, а горчлив гревот.

Во мене пелин рекакрвтта од твојата рана,а од крвтта уште погорчливбакнежот од твојата уста.

Не знаеш што е студноќи без месечина.Нема да сетиш, а за мигболката ќе те земе.

(во изведба на Битикоцис, на музика на Теодоракис тука)

Page 10: BB_Grckapoezija

Манолис Анагностакис (1925–2005)СТАРИ ПАТИШТА

Стари патиштакои ги сакав и ги мразев бескрајно.

Да ми е да чекорам под сенките на куќите –ноќи на навраќањенезаобиколивии градот, мртов.

Моето неважно присуствого откривам на секое ќоше.Да ми е да те сретнам, еден дензагубен спектару на мојата страст, заборавен и бунтовен да чекорамдржејќи една растреперена искраво сувите дланки.

И чекорев во ноќтабез да познавам никогои никој, никој не ме познаваше.

И чекорев во ноќтабез да познавам никогои никој, никој не ме познаваше.

(со музика на Теодоракис, во изведба на Маргарита Зорбала тука)

Page 11: BB_Grckapoezija

Ти реков, и пак ти велам

(традиционална)

 

Ти реков и пак ти велам:

не се симнувај крај брегот

таму има бура,

те обзема и те понесува.

 

А кога ме зема

и ме носи

долу во длабоки води,

од моето тело правам брод

од моите раце весла

а моето од мало шамивче едро –

заминувам во далечина.

 

Ти реков и пак ти велам:

не ми пишувај писма,

зошто букви не познавам

и се расплакувам.

Page 12: BB_Grckapoezija

Не патував далеку –

моите години имаа корени, тие беа дрвјата

срцето ги облече во лисје

и ги остави да процутат на камен.

Не патував далеку –

луѓето кои ги сакав беа шуми

моите пријатели беа месечини и острови

моето срце беше жедно по нив.

Моето најдолго патување си ти

ти си ноќта, ти си сон на јаве

мала татковино

мое тело и почеток

моја земјо,

мој воздух и здив.

Букбокс на Фејсбук